Русија го прифати извинувањето на Вучиќ

Кремљ во вторникот соопшти дека го прифаќа извинувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, што тој го упати еден ден претходно за гласањето на Србија за европската резолуција во ОН, по повод годишнината од руската инвазија на Украина, велејќи дека тоа е „грешка“ што тој не можел да ја контролира поради премногу обврски.

Кремљ го прифати извинувањето на Вучиќ „за поддршката на Србија за антируската резолуција за Украина во ОН“, објави порталот Спутник, повикувајќи се на Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател.

„Секако, прифативме. Секако дека се случуваат технички грешки и секако дека многу не импресионира ваквата брза реакција на шефот на државата“, изјави Песков на новинарите, пренесува Хина.

Потсетуваме, Србија гласаше за резолуцијата усвоена од Генералното собрание на ОН во понеделникот, со која се потврдува поддршката за Украина и нејзиниот територијален интегритет.

Резолуцијата беше подготвена од Украина со нејзините европски сојузници, а беше усвоена со 93 гласа „за“, 18 против, меѓу кои Русија и САД, со 65 воздржани.

Вучиќ во понеделникот вечерта потврди дека Србија гласала за европската резолуција, додека воздржано гласала за втората резолуција, американската.

Тој додаде дека требало да се воздржи од гласање и за двете.

„Немам никој да обвинувам освен себе затоа што не успеав доволно да се позанимавам со тоа“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека прво им се извини на граѓаните на Србија.

„Мислам дека не треба да се додворуваме на ниту една сила, ниту на Русите, ниту на Американците, ниту на кој било. Мислам дека нашата воздржаност требаше да биде во најдобар интерес на државата Србија“, додаде Вучиќ.