Поранешната обвинителка Вилма Рускоска, која го водеше случајот „Рекет“, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати директни критики за начинот на кој осудените лица, вклучително и Бојан Јовановски (Боки 13), ги користат законските можности за прекин на затворската казна поради влошена здравствена состојба.
Рускоска изрази сериозен сомнеж во веродостојноста на конзилијарните мислења врз основа на кои се одобруваат овие прекини. Според неа, постои јасна контрадикција меѓу дијагнозите на хартија и активностите на осудените во реалноста.
„Очигледно се работи за злоупотреба на системот. Не би посакала никој да е болен, особено не млад човек како Бојан Јовановски, но не можеш да бидеш ‘многу тешко болен’ кога треба да си во затвор, а истовремено да правиш емисии, да снимаш подкасти или да се занимаваш со сопствени бизниси“, децидна е Рускоска.
Потсетувајќи се на бурните моменти од судењето за „Рекет“, поранешната обвинителка откри дека комуникацијата со Јовановски била речиси невозможна поради неговиот темперамент и однесување.
Рускоска раскажа дека со него не може да се разговара на ниво.
„Апсолутно не можеше да се разговара на ниво. Тој почнува да вреска“, вели таа.
За Рускоска, ваквите примери каде осуденици се шетаат на слобода и се медиумски активни додека нивната казна е во прекин, ја уриваат довербата во правната држава. Таа смета дека институциите мора да вршат многу поригорозни контроли врз медицинските белешки и дека „селективната болест“ која исчезнува пред камерите е навреда за правдата и за сите граѓани кои ги почитуваат законите.
