Рускоска за ‘Рекет’: Не верував дека Јанева бара мито – доказите ја открија вистината

Поранешната обвинителка Вилма Рускоска гостуваше во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, каде во разговор со модераторот отвори повеќе теми поврзани со истрагите од минатото, падот на Специјалното јавно обвинителство и познатиот случај „Рекет“.

Во однос на предметите кои биле во истражна или предистражна постапка, Рускоска посочи дека дел од нив и натаму се активни, особено оние поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски. Таа нагласи дека постапките се во мирување сè додека обвинетите не станат достапни за органите на прогонот.

Говорејќи за случаите поврзани со проектот „Скопје 2014“, Рускоска истакна дека одредени постапки биле прекинати токму поради недостапноста на осомничените, додавајќи дека тие ќе продолжат кога ќе се создадат услови за тоа.

Во интервјуто беше отворено и прашањето за распадот на Специјално јавно обвинителство, по скандалот со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Рускоска потенцираше дека не смета оти целата институција требало да пропадне поради индивидуална одговорност, но додаде дека не може да тврди дали станувало збор за однапред сценарио.

Осврнувајќи се на случајот „Рекет“, во кој беа инволвирани Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев, Рускоска откри дека првичните информации за наводна изнуда ги добила индиректно и дека во почетокот не можела да поверува во таквите тврдења.

„Кога првпат слушнав дека се бараат пари, апсолутно не поверував. Мислев дека станува збор за некаква заблуда или поединци надвор од обвинителството“, истакна таа, додавајќи дека подоцна, по официјалната пријава, случајот добил сосема поинаква тежина.

Таа објасни дека клучни докази биле обезбедени преку вештачење на мобилни телефони, кои покажале движења, комуникации и подигнување пари. Дел од средствата, според неа, биле директно подигнати од банка и документирани преку фотографии и други докази презентирани во судница.

Рускоска посочи дека не сите средства кои се споменувале во јавноста биле пронајдени или докажани, нагласувајќи дека истрагата се темелела на она што можело да се потврди со докази.

Во однос на тоа каде завршиле парите, таа изрази сомнеж дека тие и денес се во оптек, посочувајќи дека според достапните информации, дел од нив биле брзо потрошени, вклучително и на луксузни патувања и шопинг.

Интервјуто ја отвори повторно дебатата за одговорноста, функционирањето на правосудниот систем и последиците од еден од најголемите корупциски скандали во земјата.