Македонија

Сè поголем товар врз Буџетот: 41 процент од Пензискиот фонд се покриваат со државни средства

Сè поголем товар врз Буџетот: 41 процент од Пензискиот фонд се покриваат со државни средства

Пензискиот систем во Македонија е под фискален притисок што, како што беше посочено во прилогот, „веќе е присутен во земјава, а не е во прашање дали тој ќе се случи“. Анализата за состојбите во Пензискиот фонд укажува дека структурираниот дефицит на пензискиот систем изнесува 5,12 отсто од бруто-домашниот производ, а доколку не се спроведат реформи, може да се искачи на 6,16 отсто.

Дефицитот за пензии, за трошоци во вториот пензиски столб и за исплата на трошоците за здравствено осигурување во 2025 година достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2 проценти од БДП. Тоа, според изнесените податоци, значи дека околу 41 процент од средствата на фондот се покриваат од Буџетот, наспроти 36 проценти во 2023 година.

Како причини за ваквата состојба, од Фискалниот совет посочуваат дека пензиите повеќекратно се зголемувале во изминатиот период надвор од законската формула. Дополнително, влијание имаат и демографските трендови, пазарот на труд и намалената стапка на придонеси.

Проекциите укажуваат и на влошување на односот меѓу осигурениците и пензионерите. „Бројот на осигуреници на еден пензионер бил најповолен околу 2016 година – 1,85 и истиот понатаму се намалува“, беше наведено во изјавата. Според сценариото за движење на демографијата од Државниот завод за статистика, се очекува овој коефициент дополнително да опаѓа и „во даден момент ќе стигне под еден“.

Во анализата се посочува дека во последните години дефицитот се зголемил на 5,2 проценти, пред сè поради два аспекта: начинот на индексација, односно враќањето на формулата што ги вклучува платите и стапката на инфлација, наместо претходната индексација само со инфлација, како и линеарното зголемување на пензиите.

Доколку не се спроведат реформи, до 2030 година се очекува дефицитот да порасне на 6,3 проценти, а врвот да го достигне во 2040 година, кога би изнесувал 6,6 проценти. Од Фискалниот совет оценуваат дека „ниту една поединечна мерка нема да биде доволна“ за да се запре растот на дефицитот. Затоа препорачуваат комбиниран пакет мерки, кој би опфатил зголемување на придонесите за 20 проценти, поголемо учество на жените на пазарот на трудот и намалување на неформалноста.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни