Преговарачите на ЕУ досега не успеаја да постигнат напредок во трговските разговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и би можеле да побараат продолжување на статус кво за да избегнат зголемување на царините, изјавија во петокот европски дипломати запознаени со разговорите.
ЕУ веќе се откажа од надежта дека ќе постигне сеопфатен трговски договор до крајниот рок на Трамп на 9 јули, но по разговорите во Вашингтон не е сигурно дека ќе може во принцип да се согласи дури и за поблага верзија на договорот.
Европската комисија им кажа на претставниците на земјите-членки во петокот дека верува оти САД се подготвени да ги „паузираат“ сегашните царини за партнерите со кои постигнале првични договори, со можни полесни царински режими или ослободувања подоцна.
Нема прелиминарен договор
Без прелиминарен договор, американските царини за поголемиот дел од увозот би се зголемиле од сегашните 10 проценти на стапката утврдена од Доналд Трамп на 2 април. За ЕУ, тоа би било 20 проценти.
Двајца европски дипломати изјавија за Ројтерс дека Комисијата се чини дека е повеќе наклонета кон првата опција, продолжување на статус кво, а потоа продолжување на преговорите.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави во четврток дека ќе преговара во текот на викендот.
Царини од 50 проценти за челик и алуминиум
Трамп воведе царини од 50 проценти за увоз на челик и алуминиум од ЕУ, 20 проценти за увоз на автомобили и автоделови и 10 проценти за повеќето други производи.
ЕУ се согласи за пакет контрамерки во вредност од 21 милијарда евра, но не го спроведе. Исто така, го разгледува и вториот пакет, кој првично требаше да изнесува 95 милијарди евра. Тој сега е намален на 72 милијарди по лобирањето од некои земји-членки, изјавија дипломати.