Македонија

Сакам да работам очекува пратениците да го стопираат предлог законот за игри на среќа

Сакам да работам очекува пратениците да го стопираат предлог законот за игри на среќа

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ очекува пратениците да ја стопираат понатамошната процедура за усвојување на Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри.

Од здружението велат дека главната причина за нивното барање е заштита на работните места на околу 10.000 вработени во овој сектор, кои, како што наведуваат, со години се соочуваат со неизвесност поради најавените законски измени.

Според нив, актуелниот предлог-закон содржи одредби кои не можат да се коригираат само со амандмани, поради што бараат формирање работна група составена од претставници на институциите, вработените, стопанските комори, асоцијациите и експерти.

„Брзината не смее да биде поважна од суштината. Потребна е нова регулатива која ќе биде реално спроведлива и ќе ги земе предвид сите аспекти“, велат од „Сакам да работам“.

Тие предупредуваат дека ограничувањето на легалните објекти за игри на среќа може да доведе до појава на нелегални играчници без соодветна контрола, што според нив може да создаде дополнителни ризици за граѓаните и младите.

Од здружението посочуваат дека вработените во секторот имаат долгогодишно искуство во примената на постојната регулатива и можат да придонесат во креирање нови правила.

Во случај нивните барања да не бидат разгледани, „Сакам да работам“ најавува дека ќе ги користи сите демократски механизми за заштита на правото на работа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни