Само две недели по вселувањето на студентите во новореконструираниот студентски дом „Стив Наумов“, забележан е првиот дефект предизвикан од невнимание – оштетување и запушување на тоалетите поради фрлени неразградливи материјали.
Повод за реакција беше вчерашната интервенција на екипите на ЈП „Водовод и канализација“, кои мораа да интервенираат за да го отстранат дефектот и да ги исчистат просториите, откако тоалетните школки биле запушени со влажни марамици.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, упати јавен апел за одговорност, совесност и грижа од страна на сите станари за да се зачуваат обезбедените современи услови за престој.
„Реконструираниот дом е капитална инвестиција во која се вложени многу труд, време и средства. Тоа е инвестиција за студентите денес, но и за сите идни генерации. Неразградливите материјали не припаѓаат во тоалетната школка и можат да предизвикаат сериозни проблеми со целата канализациска мрежа“, истакна Јаневска.
Таа додаде дека обезбедувањето современи услови е само еден дел од обврската, а вториот дел е нивното одржување. Поради тоа, МОН апелира до сите студенти да покажат почит кон јавните добра, да се однесуваат одговорно кон заедничките простории и да бидат пример за културно однесување, со цел подобрите услови за престој да им останат на располагање и на идните академици.