Компанијата Лимак Скопје има нов генерален директор. На оваа позиција е назначен Санџак Курт, долгогодишен кадар на групацијата Лимак со повеќе од 20 години искуство во управување со големи инфраструктурни и градежни проекти во неколку држави.
Курт е дипломиран градежен инженер на Универзитетот „Мустафа Кемал“ во Туркије, а својата професионална кариера ја започнал во Лимак во 2005 година како практикант. Во изминатите години извршувал бројни инженерски и менаџерски функции, раководејќи со значајни проекти во Туркије, Албанија, Северна Македонија и Саудиска Арабија.
Меѓу неговите најзначајни ангажмани се проектот НЕОМ во Саудиска Арабија, изградба на брани и хидроелектрани во Туркије и Албанија, крајбрежен пат покрај Црното Море, како и изградбата на метро линијата Тандоган–Кечиорен во Анкара.
Во периодот од 2022 до 2023 година беше дел од тимот на Лимак во Македонија како менаџер за изградба на комплексот Limak Diamond Skopje, каде што го координираше развојот на мултифункционалниот проект што вклучува трговски центар, хотел со пет ѕвезди, станбени кули и деловен простор.
Пред да биде именуван за генерален директор на Лимак Скопје, Курт ја извршуваше функцијата виш проектен менаџер на НЕОМ во Саудиска Арабија, каде што беше одговорен за комплексни тунелски и геотехнички работи. За своите професионални достигнувања беше прогласен за „Менаџер на годината за НЕОМ – Тројена“.
На директорската функција тој го наследува Куртхан Апајдин, кој по долгогодишното раководење со компанијата и реализацијата на проектот „Лимак Скопје“ ја завршува својата мисија и кариерата ја продолжува со нов професионален ангажман.
Од компанијата посочуваат дека назначувањето на Санџак Курт претставува дел од стратегијата за обезбедување континуитет во управувањето, понатамошен развој на инвестициите и зацврстување на долгорочните партнерства во земјава.