Македонија

СДСМ: Кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци – ВМРО-ДПМНЕ велат чисто манипулирање на јавноста

СДСМ: Кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци – ВМРО-ДПМНЕ велат чисто манипулирање на јавноста

СДСМ денеска преку соопштение информира за кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци.

„СДСМ преку иниституциите што ги предводи останува посветена на одговорно управување со јавните финансии со цел да се обезбедат допопнителни средства за помош и поддршка за граѓаните.  Следува ребаланс на Буџетот за 2022 година, со кој дополнително ќе се скратат уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. Преку ваквото намалување на непродуктивните трошоци и заштедите ќе се ослободат средства со кои ќе се финансираат нови мерки за граѓаните и компаниите за надминување на последиците од светската економска криза“, велат од партијата. 

Од таму се додава дека веќе е реализиран пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите.

„Со намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени продукти, намалената акциза за горивата, субвенционирањето на сметки за електрична енергија сериозно се намалуваат трошоците на семејствата на месечно ниво. Во време на светска економска криза, како одговорна партија, продолжуваме со реализација на мерки и политики што значат вистинска грижа за сите категории граѓани“, велат од СДСМ.

По соопштението, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јавија со реакција во која велат дека кратењето на непродуктивните трошења со ребалансот на буџетот е чисто манипулирање на јавноста и признание дека оваа Влада не работи домаќински

„Најавеното касно кратење на непродуктивните трошења со ребалансот на буџетот е чисто манипулирање на јавноста и признание дека оваа Влада не работи домаќински и во интерес на граѓаните. Прашањето е: Зошто воопшто беа планирани овие 100 милиони евра за непродуктивни трошења сред криза? Да потсетиме, буџетот се носеше во декември 2021 година сред енергетска криза и разгорена инфлација. Опозицијата тогаш јасно укажуваше дека буџетот е расипнички и нереален, со непродуктивни трошења“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека најавеното кратење на овие средства е јасно признание на власта дека ниту размислувала, ниту креирала навремени мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, туку планирала средства во буџетот за непродуктивни трошења, односно за корупција и криминали.

„Мерките за кои се фали оваа погубна Владата дојдоа по реакциите на јавноста и опозицијата дека ништо не се презема во справувањето со енергетската криза и високата инфлација. Воедно, најавеното кратење на трошењата е од историски највисокиот буџет во 2022 година, кој како основа го зема буџетот во 2021 година! Така, во 2021 година тековните расходи достигнаа рекордно ниво од 3,8 милијарди евра, а трошоците за стоки и услуги историски рекорд од 327 милиони евра или беа повисоки за 30% во однос на 2020 година! И сега најавеното кратење е чиста манипулација“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни