СДСМ бара оставка од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски бидејќи го смета за недостоен за функцијата по пласирањето како што велат лажни вести од собраниската говорница за време на пратенички прашања за наводно рекетиран бизнисмен кој барал помош од Амбасадата на Белорусија.
Како што соопшти на прес-конференција во Собранието пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов, лагите на Антонио Милошоски дека наводно бизнисмен бил рекетиран и барал помош во Амбасадата на Република Белорусија и официјално биле демантирани од почесниот конзул на Белорусија во Република Северна Македонија.
-Ваквото срамно, неодговорно и недостојно однесување на Милошоски не се случува првпат. Јавноста памети дека претходно Милошоски лажеше дека дури седум земји членки на ЕУ биле против да ги започнеме преговорите со Унијата, што беше експресно демантирано од високи претставници на ЕУ. И тогаш како и сега Милошоски не покажа грам одговорност и воопшто не се извини за изнесените лаги. Со тоа и тогаш и сега Милошоски покажува дека свесно и намерно шири лажни вести што се на штета на угледот на државата и на интересите на граѓаните на РСМ. Дезинформаторот Милошоски не е достеоен да ја извршува функцијата пратеник и мора веднаш да си поднесе оставка. Уште еднаш се потврди дека единствената понуда на ВМРО-ДПМНЕ се лажни вести, дезинформации и конструирани случаи против интересите на државата и интересите на граѓаните, рече Костадинов.
На новинарско прашање во врска со Предлог законот за попис, кој беше денеска на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања, но која беше прекината, заради потребата од усогласување на политичките партии, Костадинов рече дека верува оти во рамки на пратеничките групи може да се изнајде решение кое ќе биде конструктивно и во интерес на државата.
-Знаеме дека 16 години не се спроведува попис заради политички калкулации во нашата држава. Оптимист сум дека ќе се изнајде решение и конечно после 16 години ќе го спроведеме пописот како неопходна операција во интерес на развојот на нашата држава, рече Костадинов.
