Пред протестот кој е најавен за вечерва во Скопје од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ го окарактеризира го како одбрана на криминалот на Груевски во изминатите 11 години.
„Христијан Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се во сеопфатна одбрана на криминалите на Никола Груевски и ништо повеќе.
Најавените протести се всушност последната форма од оваа континуирана одбрана на криминалот на Груевски, менторот на Мицкоски, со сите негови погрешни и штетни политики кои 11 години ја уназадуваа Македонија.
Црнилата, разнебитувањето и изолацијата беа и остануваат симбол на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ предводено од осудениот криминалец Груевски. Тоа денеска сеопфатно го брани Мицкоски.
Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема што да им понудат на граѓаните, немаат идеја, немаат програма, ниту план, немаат ниту предлог во интерес на граѓаните или подобрување на нивниот живот.
Граѓаните ја гледаат и чувствуваат разликата. На една страна е криминалното и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ кое ја уништуваше земјава а на другата одговорното и домаќинско управување на Владата предводена од СДСМ кое Македонија ја води напред.
По 11 години криминал, корупција заробена држава, изолација и неизвесност, граѓаните ја поразија погубната матрица на Груевски. Македонија денес е рамноправен партнер на демократскиот свет, држава во која институциите работат за граѓаните и држава во која владее правото“, велат од СДСМ.
На Мицкоски и на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да им биде јасно дека правда мора да има. Секој оној за кој ќе се докаже дека го прекршил законот и за кој низ законска, транспарентна судска постапка е донесена правосилна пресуда ќе одговара согласно законите.
