Само неколку моменти по прес-конференцијата на Христијан Мицкоски, опозициската СДСМ излезе со жестока реакција, тврдејќи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е во „голема паника“ и дека реалните бројки покажуваат пораз за владината коалиција.
Од „Бихаќка“ направија своја математика на гласовите од денешните повторени локални избори, според која, опозицискиот блок (вклучувајќи ги и партиите надвор од нивната коалиција кои се опозиција на централно ниво) освоил двојно повеќе гласови од владејачките партии.
„Математиката“ на СДСМ: 2:1 за опозицијата
СДСМ тврди дека коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ доживеала убедлив пораз ако се гледа вкупниот број на гласови.
„Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови, а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, се вели во соопштението.
Обвинувања за притисоци
Покрај бројките, СДСМ обвини и за изборни нерегуларности, тврдејќи дека резултатот на власта е слаб дури и со, како што велат, „сите можни злоупотреби на институциите и притисоци“.
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес-конференција вечерва да се пофали… Кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии“, заклучуваат од СДСМ.
