Преку протест, жителите на Средно, Горно и Долно Коњари вчера побараа да запре ископот на плодната земја во Средно Коњари, од каде се вадеа минерали и песок кои потоа фирмата „Прогрес Компани“ ги праќаше за преработка и ги препродаваше.
Уредување на речните корита е предвидено и со Правилникот усвоен од Министерството за животна средина, со цел спречување на поплави. Но, жителите на Горно Коњари велат дека никогаш не се пожалиле од поплави и дека не побарале да се уредува речното корито на реката Пчиња. Општината добила барање од жителите – да запре работата во овој дел, но поради тоа што таа нема удел во овие активности, поплаката на мештаните ја проследила до надлежните институции. Од известувањето на општината поминало еден месец, но иако било нагласено дека ќе се преземат сите активности, работата продолжила, изјави градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски.
Работата во реката Пчиња, ја изведува фирмата „Генекс Компани“, ангажирана од АД „Водостопанство“. Но, за уредување на коритото, горенаведената фирма, како подизведувач ја ангажирала „Прогрес Компани“. Согласно договорот постигнат меѓу „Генекс Компани“ и „Водостопанство“, работата треба да биде прекината денеска, по што компанијата ќе треба да достави елаборат за завршената работа. По барање на месната заедница во Коњари, 7-часовен надзор над активностите на терен извршила инспекторката Лидија Зафировска, при што регистрирала бројни неправилности. Зафировска порачува дека доколку не се постапува согласно нејзините забелешки, може да дојде до оштетување на материјалите кои се корисни за државата и нема да има правилно уредување на речните корита.
Откако ќе го разгледа елаборатот и извештајот на инспекторката Зафировска, АД „Водостопанство“ ќе треба да донесе одлука дали ќе дозволи фирмата „Прогрес Компани“ да продолжи со уредување на коритото и вадење песок. Работата сѐ уште не е завршена, а Горно Коњари е претворено во „песочна долина“
Иако, мештаните веќе две години протестираат против ископ на земјиште во Средно Коњари, сепак велат дека нивните надежи се вперени кон инспекторката Зафировска. Но, дали ќе продолжи ископот ќе се дознае откако Министерството за економија ќе ги добие извештаите од сите инспекторати.