Бројот на експлозии на банкомати драстично се зголемува во Европа, покажуваат податоците на Европол, јави ДПА.
Исто така, видовите на експлозиви што ги користат бандите стануваат се помоќни и опасни, изјави портпаролката на Европол, Клер Жорж за ДПА.
„Се повеќе се користат исклучително моќни експлозиви, кои дури доведуваат до уривање на згради, а исто така и смрт на невини луѓе“, рече таа, додавајќи дека полицијата го забележала овој растечки тренд во многу европски земји, вклучително и Германија, Јужна Европа и Балтичките држави.
Рациите ги вршат криминални банди кои се специјализирани за ваков тип на експлозии и дејствуваат на меѓународно ниво, рече Жорж.
Минатата година, германската полиција забележа 287 случаи, од 268 претходната година, и покрај ограничувањата за патување поради пандемијата. Се очекува нивниот број уште повеќе да порасне оваа година.
До септември, холандската полиција забележала исто толку експлозии колку што имало во целата претходна година, и покрај намалувањето на бројот на пунктови.
Не е јасно колку точно банкомати се разнесени низ Европа, посочува ДПА.