Со цел да се намали присуството на штетни глодари и да се спречи евентуалното ширење заразни болести, Општина Центар започна со редовната есенска дератизација на својата територија. Активностите опфаќаат околу 2.000 шахти и се дел од континуираните превентивни мерки за заштита на јавното здравје.
Од Општината информираат дека оваа акција е дел од редовните активности за одржување на хигиената и контрола на штетниците. Пред неколку недели била спроведена и вонредна дератизација, со цел дополнително да се намали бројот на глодари и да се спречат потенцијални извори на зарази.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека дератизацијата се спроведува на целото подрачје на општината.
„Ова е редовна дератизација што ја спроведуваме на целото подрачје на општината. Пред неколку недели реализиравме и вонредна дератизација за сузбивање на глодарите и спречување на потенцијални извори на зарази“, истакна Герасимовски.
Од локалната самоуправа објаснуваат дека препаратот што се користи е сертифициран и одобрен од Министерството за здравство. Неговата намена е контрола на штетниците, а според Општината, не претставува ризик за другите животински видови.
Општинските власти нагласуваат дека системската дератизација е важна превентивна мерка за одржување на хигиената и заштита на здравјето на граѓаните.