Се уште се активни пожарите на планината Серта во неготинско и во штипско, на планината Огражден во близина на бугарската граница.
Се интервенира и од земја и од воздух, па така еден армиски хеликоптер започна со дејство врз пожарот на планината Серта додека полицискиот хеликоптер се подготвува да полета.
Околу 10 часот ќе им се придружат и два ер трактори кон Серта.
Кризниот штаб на Општина Неготино вчера излезе со препораки до домаќинствата во селата и во градот, задолжително да прават расчистување на тревните површини околу своите дворови, имотите и останатите подрачја.
„Апелираме до месното население за поголема ажурност , следење на упатствата и насоките од страна на МВР, да нема поголеми движења кон критичните места. Исто така, побарана е повторно до ЦУК и до ДЗС воздухопловна поддршка за утрешниот ден, за да би можело да се изврши побрзо локализирање на пожарите“, информираа од Штабот за заштита и спасување при локалната самоуправа.
Сезоната на летните шумски пожари започна со порастот на температурите. Во земјава поради високи температури кои се очекува на некои места да надминат 40 степени, до крајот на следната работна седмица ќе биде активно портокалово ниво за опасност .