Претседателот на Комората на занаетчии, Никола Петров се жали дека секој ден се намалува бројот на регистрирани занаетчии, а бројот на мајстори кои работат на црно постојано расте. Тој вели дека само во Скопје се регистрирани 5 илјади регистрирани занаетчии, но се сомнева дека бројот на оние кои работат на црно е двојно е поголем и тоа му нанесува штета на пазарот на трудот.
Петров рече дека освен тие што ги гледа на улица и по тротоарите, дел од сивата економија се и занаетчиите кои не се гледаат. Работата на црно од страна на занаетчиите ја потврдија и од Инспекторатот за труд.
Славе Вељановски кој и самиот е мајстор, вели дека тие кои што се регистрирани не се заштитени бидејќи се игра без правила. Според него, доколку еден регистриран занаетчија не исполнува некој критериум, може да заработи казна од 1 до 3 илјади евра, а тој нерегистрираниот поради дејност на црно добива казна од 250 евра.
Покрај работата на црно, занаетчиите се жалат и на недостаток од кадар во неколку професии, така што Петров стравува дека по неколку години ќе нема кој да ни ги поправи домашните апарати. Затоа тој бара поголема посветеност од Министерството за образование и училиштата, да ги насочуваат младите кон занаетите.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
