Македонија

Седум убиени жени за девет месеци – граѓанските организации бараат итни законски измени и поголема заштита

Седум убиени жени за девет месеци – граѓанските организации бараат итни законски измени и поголема заштита

Граѓанските организации денеска најавија протест во Скопје со барање за итно донесување на законските измени за заштита од насилство врз жените, кои веќе три месеци чекаат да се најдат на дневен ред во Собранието.

Протестот е најавен во паркот „Жена Борец“, од каде што учесниците треба да се упатат кон Министерството за внатрешни работи, испраќајќи порака дека институциите мора да обезбедат ефикасна и навремена заштита на жртвите.

За девет месеци се регистрирани седум убиства на жени, додека во само еден ден биле евидентирани осум случаи на насилство и закани. Меѓу жртвите има и 12-годишно девојче.

На почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, граѓанскиот сектор предупредува дека институционалната реакција доцни, додека насилството продолжува.

Организациите бараат построги казни за насилниците и поголеми полициски овластувања, со кои во случај на сериозна и непосредна опасност сторителот би можел да биде отстранет од домот. Се бара и дополнителна заштита на децата преку привремено ограничување на комуникацијата со родителот кој извршил насилство.

Покрај законските измени, неопходно е воспоставување специјализирани сервиси за поддршка и заштита на жртвите, за што се проценува дека во 2027 година ќе бидат потребни 200 милиони денари.

Особено загрижувачки се посочените податоци според кои во околу 90 проценти од случаите на фемицид полицијата претходно била запознаена со насилството, што отвора сериозни прашања за институционалното постапување по пријавите.

Од граѓанскиот сектор предупредуваат дека пристапот до заштита е особено отежнат за жените од руралните средини, Ромките, жените со попреченост и оние што живеат во сиромаштија.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, од јануари до септември годинава биле регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство.

Граѓанските организации порачуваат дека, наместо симболични кампањи и осветлување на институциите, потребни се функционален систем, конкретни мерки и навремена реакција што ќе ги заштити животите на жените и децата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни