Секој петти граѓанин во Македонија е под прагот на сиромаштија – најпогодени се самохраните родители и многучлените семејства

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека сиромаштијата и натаму останува сериозен социјален предизвик во Македонија. Според објавените лаекенски индикатори за 2024 година, стапката на сиромаштија изнесува 21,9 проценти.

Тоа значи дека повеќе од една петтина од населението живее со приходи под утврдениот праг на сиромаштија, кој е дефиниран како 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход во државата.

Се вчитува...

Според статистичките пресметки, прагот на сиромаштија за едночлено домаќинство изнесува 178.286 денари годишно. За четиричлено семејство составено од двајца возрасни и две деца помали од 14 години, прагот е поставен на 374.400 денари на годишно ниво.

Податоците покажуваат и колкава е улогата на социјалната заштита во ублажување на сиромаштијата. Доколку од приходите на граѓаните се исклучат социјалните трансфери и пензиите, стапката на сиромаштија би пораснала на 39,4 проценти.

Најтешка е состојбата кај многучлените семејства и самохраните родители. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, сиромаштијата достигнува 54,8 проценти. Кај самохраните родители, стапката изнесува 45,8 проценти.

Анализата според економската активност покажува дека најголем ризик има кај невработените лица, каде сиромаштијата изнесува 45,7 проценти. Кај вработените оваа стапка е значително пониска и изнесува 7,9 проценти, додека кај пензионерите сиромаштијата е застапена со 12 проценти.

Според возраста, најранлива категорија се децата и младите до 17 години, кај кои стапката на сиромаштија достигнува 29,5 проценти. Кај лицата постари од 65 години, овој процент е 20,1.

Податоците за распределбата на приходите покажуваат дека Коефициентот на Џини, како показател за нееднаквоста, изнесува 29,2 проценти. Воедно, најбогатите 20 проценти од граѓаните располагаат со 5,2 пати повисоки приходи од најсиромашните 20 проценти од населението.