Македонија

Секторот игри на среќа алармира: Новиот предлог-закон е „политички популизам“ што ќе остави 10.000 луѓе на улица и ќе го отвори патот за диви играчници

Секторот игри на среќа алармира: Новиот предлог-закон е „политички популизам“ што ќе остави 10.000 луѓе на улица и ќе го отвори патот за диви играчници

Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој Владата го достави до Собранието на 14 мај годинава, предизвика сериозен револт и загриженост кај вработените и стопанствениците во овој сектор. На јавната расправа, претставниците на Здружението на вработени „Сакам да работам“ и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) упатија остри критики до извршната власт, обвинувајќи за целосно игнорирање на засегнатите страни, кршење на Уставот и обид за собирање евтини политички поени преку уништување на најголемиот приватен работодавец во земјата.

Крстевски: Осум години сме заложници, 10.000 семејства се пред социјална бомба

Претседателот на Здружението „Сакам да работам“, Горан Крстевски, истакна дека вработените во овој сектор се чувствуваат како заложници на политички структури кои си поигруваат со нивните судбини за да печалат гласови. Тој повлече паралела со Предлог-законот за заштита од пушење, каде Владата направила широки консултации со еснафите, додека во овој случај, релевантните чинители биле целосно заобиколени.

„Осум години живееме во грч и неизвесност, се тресеме дали ќе останеме на улица со нецелосно исплатени кредити, активирани хипотеки и со авионски карти за еден правец – иселување во странство“, предупреди Крстевски.

Тој откри дека на 20 мај испратиле писмо до премиерот Христијан Мицкоски, во кое сликовито му ги објасниле реалните животни драми на вработените, но одговор до денес немаат добиено. Крстевски потенцираше дека одредбата за дистанца од 500 метри од училиштата практично значи затворање на сите легални објекти, што директно ќе придонесе за нови 35.000 кандидати за иселување (заедно со нивните семејства). Тој праша и дали зад ова се крие „политичко-этнички инженеринг“, со оглед на тоа што 90 отсто од вработените во секторот се Македонци.

Стоименов: Предлогот е противуставен, државата се соочува со огромни тужби

Од правен аспект, адвокатот Филип Стоименов, претставник на АПИС, укажува дека Предлог-законот содржи низа уставно спорни и дискриминаторски одредби кои се косат со членот 55 од Уставот, кој ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Законот бил донесен набрзина, без да биде прикачен на ЕНЕР.

Стоименов детално образложи зошто клучните мерки се нелогични и парадоксални:

  • Дистанцата од 500 метри: Оваа одредба е дискриминаторска и зависи од менливи урбанистички околности (општината може да одлучи да изгради училиште близу постоечки објект). Дополнително, ваква дистанца не важи за кафулиња и тобака каде младите се изложени на алкохол и никотин.
  • Онлајн игри на среќа: Мерката за наводна заштита на младината го губи смисолот кога самата држава го задржува правото да организира онлајн игри, со што тинејџерите ќе бидат изложени на обложување во секое време преку нивните мобилни телефони.
  • Забрана за рекламирање: Парадоксално е да се забрани медиумско рекламирање, а истовремено да се дозволи логото на приредувачите да стои на спортски дресови и терени за време на ТВ-преноси, со што само се оштетуваат комерцијалните медиуми. Стоименов се повика на пресуда на Врховниот суд на Шпанија од 2024 година, со која беше укината слична забрана како повреда на слободата на говорот и бизнисот.

Финансиски импликации: Буџетот ќе изгуби над 350 милиони евра

Од АПИС потсетуваат дека овој сектор преку 11 различни основи на годишно ниво инкасира повеќе од 350 милиони евра во државната каса. Покрај данокот на добивка (10%) и данокот на поединечни добивки (15%), приредувачите плаќаат и посебна давачка од 23% (од кои 1,5% одат за јавно здравство, а 1,5% за министерството за млади и спорт). Секторот индиректно поддржува меѓу 54.000 и 100.000 други работни места во економијата (закупнини, струја, мебел, ДДВ без право на поврат).

Усвојувањето на законот во оваа форма, според АПИС, ќе ја врати државата во 1990-тите години. Како пример ја посочија Албанија, каде по четиригодишна целосна забрана, премиерот Еди Рама мораше да ги врати игрите на среќа поради експлозија на сива економија и диви играчници по подруми, со кои тамошните власти сè уште не можат да се справат.

Приредувачите и вработените упатија апел до пратениците од сите политички партии да покажат разум и наместо популизам, да прифатат формирање на мешовита работна група која во кус рок ќе изработи ново, одржливо законско решение по европски стандарди.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни