Села и Гаши ја прифатија поканата на Ахмети – бараат да се одложи датумот и да се предложи дневен ред за тркалезната маса

Коалиционите партнери, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши, начелно се согласни за заедничка средба на албанските парламентарни партии, која пред неколку дена ја свика првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Во заедничкото писмо на Села и Гаши пишува дека политичкиот механизам на тркалезната маса е важен политички инструмент за координирање на ставовите на албанските парламентарни партии и како таков, сметаат дека треба да продолжи да се негува за артикулација на интересите на Албанците во Северна Македонија.

„Во функција на содржината и плодна средба, би било убаво поканата да има друг предлог за дневен ред, со цел да имаме појасна причина за организирање на тркалезната маса на албанските парламентарни партии. Размислете за можноста за друг датум, почнувајќи од понеделник (17.08.2020), секако со тоа што ќе нѐ известите неколку дена претходно околу дневниот ред на средбата“, истакна Зијадин Села.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вели дека останува отворено прашањето за закажување средба за следната недела, но за тоа треба да се договорат на утрешната средба, во 12 часот, во хотел „Парк“ во Скопје. Лидерот на интегративците го предлага и утрешниот дневен ред за кој се вели дека може да се дополни и измени со предлози од другите учесници на заедничката средба. Ахмети, согласно Заедничката декларација на парламентарните албански партии од 7 јануари 2017, за утрешната средба ја предлага оваа агенда:

Предложена агенда од лидерот на ДУИ, Али Ахмети:
-Реализација на статусот на одредбите од Заедничката декларација во изминатиот мандат
-Оценка на предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020
-Креирање на меѓупартиски совет согласно Заедничката декларација и одредување на рокови за реализација на заедничките објективи
-Разно

ДУИ предлага на средбата да присуствуваат претседателот на партијата и двајца соработници. Првиот човек на ДПА, Мендух Тачи и на Движењето Беса, Биљал Касами, сѐ уште не одговорија на поканата на Ахмети за заедничка средба на албанските партии. Од Беса велат дека со став ќе излезат до крајот на денот.

.

Извор: ТВ21