Законска забрана на малолетничките бракови, поголема заштита од физичко и дигитално насилство и специјализирана поддршка за децата жртви се дел од мерките што ги најави министерот за правда Јетон Шасивари на меѓународна конференција во Манила, Филипини.
На Втората глобална министерска конференција за елиминирање на насилството врз децата, Шасивари ги претставил приоритетите и заложбите на Владата за унапредување на системот за заштита на децата од сите форми на насилство.
Меѓу најавените активности е и зајакнување на механизмите за спречување насилство во училиштата, како и формирање функционални меѓусекторски тимови во сите центри за социјална работа. Нивната задача ќе биде навремено препознавање на ризиците и обезбедување соодветна поддршка за децата на кои им е потребна заштита.
Планирано е и воспоставување единствен систем за собирање и обработка на податоци за случаите на насилство, како и подобрување на механизмите за заштита на децата кои доаѓаат во контакт со правосудниот систем.
Во своето обраќање, министерот нагласил дека меѓународните обврски и заложби мора да се преточат во конкретни законски решенија и функционални институции кои ќе обезбедат реална заштита.
Тој порачал дека ниту едно дете не смее да остане незаштитено, нагласувајќи дека заштитата од насилство не е само законска обврска, туку и морална и државна одговорност, информираат од Министерството за правда.