Македонија

Шекеринска: Исполнетите ветувања во НАТО ја докажуваат нашата зрелост пред Европската Унија

Шекеринска: Исполнетите ветувања во НАТО ја докажуваат нашата зрелост пред Европската Унија
Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4TV.mk на НАТО Самитот во Турција / 4NEWS.mk

Патот до полноправно членство во НАТО беше исклучително тежок, но денес Северна Македонија на дело докажува дека е сериозна и одговорна држава која ги исполнува своите меѓународни обврски. Овој изграден кредибилитет сега претставува еден од најсилните дипломатски алатки на државата пред Европската Унија.

Ова го порача Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција, анализирајќи ги придобивките од седењето на иста маса со највлијателните светски лидери.

Шекеринска истакна дека влијанието што земјава го има како рамноправна членка мора паметно да се користи секој ден, бидејќи очите на европските партнери внимателно го следат однесувањето на Скопје во рамките на Алијансата.

„Кога ќе кажеме, како што денес кажувавме, дека испорачуваме, дека тоа што сме го ветиле го реализираме – тоа нè претставува во многу зрело светло кога ќе погледнат и од страна на членките на Европската Унија, но и билатерално. Тоа покажува дека станува збор за сериозна и одговорна држава“, нагласи Шекеринска во разговорот за 4tv.mk.

Рамноправни меѓу најсилните

Додека на домашната политичка сцена фокусот често е ставен на блокадите, позицијата на државата во седиштето на НАТО е сосема поинаква.

„Во оваа Алијанса сите сме еднакви. И во таа Алијанса мислам дека секоја земја гледа дека заедно можеме повеќе и подобро“, посочи таа, додавајќи дека токму таквиот амбиент дава можност отворено да се разговара за секој проблем на пријателски и сојузнички начин.

Пораката од Анкара е јасна: угледот што Северна Македонија го ужива како доверлив воен и безбедносен партнер не е само декларативен успех, туку реален политички капитал кој државата мора максимално да го капитализира во своите понатамошни евроинтегративни процеси.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни