Шекеринска убедена: За неколку недели ќе се потпише протоколот за НАТО

По ратификацијата и имплементацијата на Договорот од Преспа, ќе биде потпишан протоколот за членство на Македонија во НАТО. Тоа ќе се случи за неколку недели. Министерката за одбрана е убедена дека многу брзо Македонија ќе седне на иста маса со големите светски сили, на која се носат важни одлуки за мирот и стабилноста.

„За да може да се ратификува протоколот за НАТО, прво тој протокол мора НАТО да го подготви. Сите претставници на Алијансата почнувајќи од генералниот секретар, од самиот почеток на овој процес ја испратија пораката, протоколот ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни“, изјави Радмила Шекеринска – Министер за одбрана.

Се вчитува...

Таа  убедена дека откако Македонија ќе го исполни својот дел од задачата,истото ќе го стори и Грција во својот парламент.

На прашањето дали можеби таа ќе биде консензуален кандидат за претседател, одговори на следниот начин.

„Целиот фокус на Владата и мојот личен е посветен на нашата стратешка цел. Тоа не е моја лично стратешка цел, тоа е стратешка цел на оваа држава и на сите граѓани кои ни дале доверба. Би било изневерување на таа доверба дел од нашата енергија да оди на следните избори“, додава Шекеринска.

Министерката попладнево беше во посета на припадниците на АРМ кои ја обезбедуваат јужната граница.  Шекеринска рече дека во разговорите со припадниците на АРМ и армискиот врв, станало збор за начините за зголемување на соработката меѓу различните институции и подобрување на опремата со која располага Армијата. Припадниците на АРМ се распоредени на јужната граница од летото 2015 година, како мерка за зајакнато обезбедување на границата од нелегалниот мигрантски бран, а во помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.

Извор: ТВ21