Свет

Шест од десет убиени жени во светот го губат животот во семејното опкружување

Шест од десет убиени жени во светот го губат животот во семејното опкружување

Речиси 47.000 жени и девојчиња ширум светот биле убиени во текот на една година од луѓе со кои биле во блиски лични или семејни односи. Најголем број жртви се регистрирани во Африка, а глобалните податоци покажуваат дека насилството врз жените во семејството и понатаму одзема животи во алармантни размери.

Според извештајот на „ОН Жени“ и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), во 2025 година од интимни партнери или членови на семејството биле убиени околу 47.000 жени и девојчиња. Тоа значи дека во просек секој ден имало 129 жртви, односно пет убиства на секој час.

Во истиот период, во светот биле намерно убиени вкупно 78.000 жени и девојчиња. Околу 60 проценти од нив биле убиени од партнер или член на семејството.

Истражувањето, засновано на статистички податоци од 122 земји и региони, покажува дека бројот на вакви убиства останува висок. Според проценките на ОН, секоја година меѓу 45.000 и 51.000 жени и девојчиња го губат животот од рацете на свои партнери или роднини.

Особено загрижувачка е разликата меѓу жените и мажите кога станува збор за насилството во домот. Иако жените претставувале 19 проценти од сите жртви на убиства во светот во 2025 година, дури 60 проценти од убиените жени биле нападнати во својот дом или во поширокото семејно опкружување. Кај мажите, само 11 проценти од жртвите биле убиени од партнер или член на семејството.

Според регионалната распределба, Африка има најголем број жртви, со 22.100 убиени жени и девојчиња. Во Азија се регистрирани 15.100, во Америка 7.400, во Европа 2.100, а во Океанија 300 жртви.

ОН предупредуваат дека, иако вкупниот број убиства во светот бележи намалување, фемицидите се намалуваат многу побавно. Овој тренд е особено изразен во Америка и Европа.

Меѓу факторите што придонесуваат за ваквата состојба се наведуваат длабоко вкоренетите општествени сфаќања, родовите стереотипи и пречките со кои жените се соочуваат при пристапот до правдата. Поради тоа, Обединетите нации ја истакнуваат потребата од посилни политики за спречување на насилството, особено во партнерските и семејните односи.

Фемицидот означува убиство на жена или девојче поради нивниот пол. Покрај убиствата од партнери и роднини, во оваа категорија може да се вклучат и злосторства поврзани со организиран криминал, принудна работа и трговија со луѓе. Сепак, податоците за ваквите случаи надвор од семејното и личното опкружување сè уште се ограничени, па целосниот глобален обем на проблемот не може прецизно да се утврди.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни