Шинас до Орбан: Сите сме подеднакво луѓе

Потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Шинас денеска на Твитер се огласи по повод неодамнешните изјави на унгарскиот премиер Виктор Орбан за нациите со „мешана раса“.

– Јазикот што избираме да го користиме во никој случај не е безопасен. Никогаш не смееме да дозволиме нашите зборови да го предадат најфундаменталниот принцип на нашето постоење: сите ние сме подеднакво луѓе. Омразата нема место на нашите усни ниту во нашите општества, напиша Шинас на Твитер.

Се вчитува...

Иако Шинас не му се обрати директно на Орбан во неговата порака на Твитер, персоналот на потпретседателот на Комисијата потврди дека неговата порака на социјалните мрежи се однесува на говорот на унгарскиот премиер.

На митинг во Романија во саботата, Орбан рече дека миграцијата ги подели Европа и Западот на два дела и додаде дека земјите во кои што се мешаат Европејците и неевропејците „веќе не се нации“, туку „ништо повеќе од конгломерат на народи“, информира бриселскиот портал Политико.

– Во Карпатскиот басен (областа што ја делат Романија и Унгарија) ние не сме мешана раса. Ние сме подготвени да се мешаме едни со други, но не сакаме да станеме мешана раса, рекол Орбан.

Коментарите на Орбан предизвикаа осуда од верски групи, а водечката еврејска организација во Унгарија побара средба со премиерот. Централноевропскиот огранок на Американскиот еврејски комитет предупреди дека зборовите на Орбан потсетуваат на „опасни идеологии во историјата“.

Романскиот министер за надворешни работи Богдан Ауреску исто така ги осуди изјавите на Орбан како неприфатливи.

– Жално е што таквите идеи се пропагираат од територијата на Романија, во сложениот глобален контекст со кој се соочуваме сите, особено што нашите официјални позиции се разликуваат од овие тези. Јасно е дека не можеме да се согласиме со нив, рече Ауреску.