Шокантни детали на судењето за „Онкологија“: За 50 пациенти нема медицински досиеја

Сериозни пропусти во водењето на медицинската документација беа утврдени на денешното рочиште за случајот „Онкологија“, каде беа изнесени нови детали за третманот на пациентите на скопската Клиника за онкологија. Вештото лице Милан Ристевски пред судот посочи дека кај дел од пациентите со рак на бели дробови воопшто не биле пронајдени медицински досиеја.

Според неговото сведочење, во периодот од 2018 до 2022 година биле анализирани 536 пациенти со оваа дијагноза, при што за 50 од нив немало никаква медицинска документација. Ристевски истакна дека се забележани и значајни отстапувања во препишувањето на терапијата, особено кога станува збор за лекот „бевацизумаб“, кој бил применуван кај 12 пациенти.

Тој нагласи дека документацијата на одделот со кој раководел обвинетиот д-р Нино Васев била многу оскудна со информации. Како можни причини за тоа ги посочи големиот обем на работа и фактот што дневно биле прегледувани и до 50 пациенти, но подвлече дека ваквите околности не смеат да бидат оправдување за медицински неправилности.

Случајот „Онкологија“ продолжува да ја бранува јавноста, а судскиот процес треба да утврди дали и во колкава мера постоеле пропусти во третманот и евиденцијата на пациентите на Клиниката.