Планот за Косово што Вашингтон и Брисел го поставија пред Белград стана де факто преговарачка рамка за влез на Србија во Европската унија, изјави во понеделникот српскиот претседател Александар Вучиќ и предупреди на низа политички и економски последици доколку планот не биде прифатен.
Вучиќ синоќа во своето обраќање до јавноста по средбата во петокот со американско-европската петорка, а вчера и со министрите во владата на Србија, посочи дека на маса му е ставен план кој го прифатиле петте членки на ЕУ, кои не го признаваат Косово.
Така тој план де факто стана преговарачка рамка за влез на Србија во ЕУ, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека американско-европските дипломати го предупредиле дека во спротивно Србија ќе се соочи со прекин на евроинтегративниот процес, укинување на безвизниот режим со земјите од ЕУ, суспензија, а потоа и повлекување на инвестициите и „сеопфатни мерки во политичка и економска смисла“ што ќе и нанесе голема штета на Србија.
По средбата со претставниците на САД и ЕУ во петокот, Вучиќ изјави дека Србија е „подготвена да го прифати концептот на европскиот план“ и да работи на имплементација на предложениот договор за дијалог со Косово, што беше потврдено и од функционерот на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Предлогот на ЕУ, поддржан од Германија, Франција, Италија и САД, беше претставен пред Белград и Приштина во септември и декември минатата година.
Радио Слободна Европа (РСЕ) објави, повикувајќи се на планот на ЕУ што претходно го виде, дека документот има еднаков пристап до страните и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за Српската заедница во Косово. Белград е тој што инсистира дека формирањето на Заедницата на српски општини на Косово е клучната точка за продолжување на натамошниот дијалог за конечното решение.
Според РСЕ, во документот не се споменува експлицитно меѓусебно признавање или членство на Косово во Обединетите нации – на што инсистира Косово.
Вучиќ повтори дека во самиот план нема експлицитно признавање на Косово, но од Србија се бара да не се противи на влезот на Косово во меѓународните организации, со имплицитна обврска да не се противи на влезот на Косово во Обединетите нации.
„Доколку не го прифатите, а сметаме дека мора да се прифати, ќе бидете соочени со прекин на евроинтегративните процеси, со запирање и повлекување на инвестициите, со сеопфатни мерки во политичка и економска смисла кои ќе предизвикаат големи штета на Србија, ја прераскажа Вучиќ пораката од американско-европската петорка.
„Треба да го прифатите овој план, така ми беше кажано во втората реченица“, нагласи Вучиќ, оценувајќи дека за Србија „нема напредок“ доколку не соработува.
Тој изјави дека Србија не може да го спречи Косово да влезе во Советот на Европа и НАТО.
Вучиќ претходно присуствуваше на состанокот на Владата на Србија за Косово и ги информираше министрите за „предизвиците и тешкотиите со кои се соочува Србија“ и побара „целосна посветеност, внимателност, уште понапорна и посилна работа во иднина“.
Договорено е и тој како претседател, владата и сите извршни органи да работат „синхронизирано и обединето“.
„Ништо не сме потпишале, само сме соочени со фактите. Ништо нема да се случи ниту денеска, ниту утре, ниту за месец или три месеци“, изјави синоќа Вучиќ.
Кога ќе се соочиме со конечните барања, додаде тој, Собранието на Србија и народот ќе се изјаснат.
Иако директно не беше споменато, тоа во иднина може да значи и распишување референдум за прашањето за конечната одлука за односите со Косово.
Одговарајќи на прашање за можна оставка, Вучиќ рече дека е „државен војник“ и дека во одреден момент ќе го направи она што е „национален интерес на државата.
„Ако има потреба да се спаси државата и да се купи време на кој било начин, не би се двоумел, но тоа не е овој момент“, рече Вучиќ на прес-конференцијата.