И временските услови надвор , по вчерашното изгласувањето на договорот од Преспа во грчкиот парламент , како да го отсликуваат новото име на државава. Со договорот и двајцата Премиери Заев и Ципрас велат дека се победници граѓаните на двете земји , но и на регионот. Се стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот, порача Премиерот Заев. Победници се и оние кои беа против , бидејќи и тие ќе имаат придобивки. Сега, имаме верификувано суштинско пријателство.
„Храбрите граѓани избраа да ги избркаат сеништата од минатото и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи, зона на економски процут, модел за интеграција.“, зијави премиерот Зоран Заев.
Со пријателска порака се обрати и коалицискиот партнер лидерот на ДУИ Али Ахмети, со зборовите , Почитуван пријател Успеавме.
„Би сакал да ти се заблагодарам за храброста и посветеноста кон постигнување и усвојување на договорот. Денес нашиот регион , Југоисточна Европа , се раздени во целосно нови геостратешки и геополитички околности , за тоа за кое што се залагавме заедно. Сакам да знаеш дека мојата врата секогаш ќе ја најдеш отворена без да имаш потреба да тропнеш на неа, му напиша Ахмети на грчкиот екс- министер за надворешни работи, Никос Коѕијас.“ – Али Ахмети.
Македонија за околу две недели ќе стане Република Северна Македонија. Но за правно формално стапување на сила според процедурата , Претседателот на Грција треба да го потпише Законот за Ратификација и тој да биде објавен во Службен весник. Ова се очекува да се случи уште во понеделник на 28 јануари и со тоа ќе стане официјален закон. Потоа Грција треба да го извести Генералниот секретаријат на НАТО дека Договорот е ратификуван кај нив и постојните претставници, амбасадорите на 29 земји членки треба да го потпишат Протоколот, и истиот треба да биде ратификуван во парламентите на нивните земји. Протоколот први треба да го ратификуваат во грчкиот Парламент и да испратат вербална нота до Македонија дека Договорот и Протоколот за НАТО е потпишан. По приемот на нотата Македонија ќе испрати известување и до Грција и до Обединетите Нации дека Договорот од Преспа стапува на сила. И двете досегашни канцеларии за врски во Скопје и Атина , прераснуваат во Амбасади на двете земји.
РЕПОРТЕР: ЉУБИША ЦВЕТКОСКИ