Вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е единствената пречка за тргање на ветото и почеток на преговорите со ЕУ. Официјална Софија испорачува и други барања кои се директно поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на Мешовитата историска комисија.
Ова го откри претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по билатералната средба со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова, одржана на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија.
„Давам шанса на преговорите и на дијалогот за да не останеме на монолог, но едно и на мене и на министерот Муцунски ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите од историската комисија. Толку можам засега да кажам“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонската делегација на средбата цврсто ги изложила своите позиции, ставајќи посебен акцент на меѓународното право и човековите права. Имено, претседателката пред Јотова ја потенцирала обврската на сите земји-членки на Советот на Европа (кои истовремено се и членки на ЕУ) строго да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур – нотирајќи дека тие правила важат подеднакво за сите бидејќи сите земји имаат свои судии во тој суд.
И покрај разликите во ставовите, од македонска страна било посочено дека претставниците на двете земји мора почесто да се среќаваат и да дебатираат, дури и тогаш кога изгледа дека разговорите нема веднаш да вродат со плод.
По завршувањето на официјалниот дел и предавањето на претседавањето со ПСЈИЕ од Бугарија на Романија, македонската претседателка беше опколена од бугарските новинари.
На нивните упорни прашања поврзани со уставните измени, Сиљановска-Давкова одговараше на англиски јазик со јасни пораки:
- За уставните измени: Потенцираше дека таа како претседател „не е монарх“ за да одлучува сама за такви прашања, јасно алудирајќи на улогата на Собранието и уставните процедури.
- За човековите права: Ги нагласи уставните заложби на Македонија за максимално почитување на човековите права, притоа отворено и директно посочувајќи дека тоа не е случај во Бугарија, со оглед на неспроведувањето на пресудите од Стразбур за македонското малцинство.