Со желби за љубопитност, успех и нови знаења, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги пречека најмладите ученици во Охрид. Таа присуствуваше на свечениот прием на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, каде им посака успешен и исполнет почеток на нивното училишно патување.
Обраќајќи им се на најмладите ученици, Сиљановска-Давкова ги охрабри да бидат љубопитни, да поставуваат прашања, да читаат и пишуваат и постојано да трагаат по нови сознанија.
Таа порача дека вистинската вредност на образованието не се мери само преку оценките, туку преку знаењето што учениците го стекнуваат и начинот на кој тоа знаење го применуваат во животот.
Претседателката ги потсети првачињата дека, како ученици во училиштето кое го носи името на свети Климент Охридски, имаат посебна улога во продолжувањето на просветителската традиција поврзана со Климент и Наум Охридски, ученици и следбеници на светите браќа Кирил и Методиј.
Во таа насока, таа ги нарече првачињата „најклиментовите деца“ и им порача да го почитуваат и продолжат големото духовно и просветителско наследство.
Сиљановска-Давкова истакна дека образованието е еден од темелите на личниот и општествениот развој, нагласувајќи дека знаењето претставува најдобра инвестиција во сопствениот развој. Според неа, учењето придонесува не само за поголемо разбирање, туку и за самостојност, толеранција и развивање критичко мислење.
Таа посочи и дека училиштето треба да биде место каде што секое дете ќе се чувствува безбедно, прифатено и почитувано.
Претседателката им посака на сите првачиња плоден и исполнет ученички живот, со многу другарства, здрав натпревар, љубопитност и заслужени успеси.