Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска потврди дека остварила телефонски разговор со лидерот на „Прогресивна Бугарија“, Румен Радев, честитајќи му ја убедливата победа на неодамнешните парламентарни избори во Бугарија.
Во изјава за медиумите, претседателката истакна дека високиот изборен резултат на Радев е сигнал за стабилност која е неопходна за билатералните односи.
„Му посакав успех и изразив уверување дека високото мнозинство е гаранција за стабилност. Бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата. Тоа е важно и за нас, бидејќи сега ќе имаме со кого да разговараме“, изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателката потенцираше дека во разговорот ги поставила и македонските очекувања од идната бугарска влада, ставајќи акцент на евроинтеграциите и регионалната соработка.
Румен Радев, поранешен претседател на Бугарија, на изборите одржани минатата недела освои апсолутно мнозинство пратеници со својата партија „Прогресивна Бугарија“. Овој резултат се очекува да ја прекине долготрајната политичка криза кај нашиот источен сосед и да овозможи формирање на стабилна политичка влада по подолг период на технички кабинети.
