Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека изборните резултати во Бугарија се очекувани и изрази надеж дека формирањето на стабилна влада предводена од Румен Радев ќе отвори простор за изнаоѓање решение за билатералниот спор. Според неа, досегашната нестабилност во Софија и честите промени на владите биле отежнувачка околност за градење на односите меѓу двете земји.
Претседателката истакна дека иако со Радев, како поранешен претседател, имале бројни несогласувања, сепак постои меѓусебна почит и подготвеност за дијалог. Таа смета дека високиот рејтинг и политичкиот авторитет на Радев можат да бидат клучен фактор во надминување на наталожените проблеми, бидејќи стабилната извршна власт овозможува похрабри и подобри решенија.
Во контекст на меѓународните прилики, Сиљановска-Давкова потенцираше дека драматичните промени во глобалниот безбедносен поредок ја прават ЕУ-интеграцијата на Балканот неопходна за стабилноста на целиот континент. Таа потсети дека земјава има стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, што дополнително треба да се вреднува во процесот на проширување.
„Очекувам да се видиме, да разговараме, се разбира со двете знамиња, и да трагаме по ново решение“, порача претседателката, нагласувајќи дека патот кон ЕУ сега бара стратешки пристап кој ја зема предвид не само економската конкурентност, туку и регионалната отпорност на надворешни влијанија. Таа заклучи дека силен лидер со голема граѓанска поддршка, како што е новиот бугарски мандатар, има капацитет да ги придвижи работите во позитивна насока.
