Македонија

Сите државни ресурси во акција: Три авиони го гаснат пожарот кај Китка

Сите државни ресурси во акција: Три авиони го гаснат пожарот кај Китка

Интензивната борба со пожарите во областа Каршијак продолжува и денеска, а сите расположливи државни ресурси се ставени во функција на спречување на ширењето на огнената стихија и заштита на планината Китка и околните населени места.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека активностите на терен продолжиле уште од утринските часови, со цел пожарите во селата од овој регион да бидат ставени под контрола.

На терен е и директорот на ЦУК, Мухамед Али, кој заедно со надлежните служби и екипи ја следи состојбата и ги координира активностите за справување со пожарите.

Како главен приоритет е издвоена заштитата на планината Китка, како и спречувањето на огнот да се прошири кон населените места.

Во гаснењето се ангажирани сите достапни државни капацитети. На терен дејствуваат три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје, како и екипи на Национални шуми.

Од ЦУК во моментов уверуваат дека нема опасност за селото Палиград, ниту за останатите населени места во областа Каршијак.

Надлежните служби ќе продолжат со непрекинато следење на состојбата и интензивни интервенции на терен сè до целосно стабилизирање на ситуацијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни