Македонија

Скопје ќе се украси до 15 декември: Елка од 13 метри и новогодишни украси за 73.000 евра

Скопје ќе се украси до 15 декември: Елка од 13 метри и новогодишни украси за 73.000 евра

Скопје годинава треба да го добие новогодишниот изглед најдоцна до 15 декември, со елка висока 13 метри на градскиот плоштад и повеќе светлосни декорации. За празничното украсување се предвидени околу 4,5 милиони денари со ДДВ, односно приближно 73.000 евра.

Град Скопје објави јавен повик за избор на компанија која ќе биде задолжена за поставување и отстранување на новогодишните украси. Заинтересираните фирми можат да доставуваат понуди до 5 ноември, кога е закажано нивното јавно отворање.

Според тендерската документација, централно место во празничната декорација ќе има новогодишна елка висока 13 метри, изработена како реплика на природна елка, со декоративни елементи и ЛЕД-осветлување.

Покрај елката, на плоштадот е предвидено поставување светлосен елен висок околу четири метри, огромен декоративен подарок висок повеќе од шест метри и тридимензионална санка со подароци, во која граѓаните ќе можат да влезат и да се фотографираат.

Планирани се и два декоративни портала, два светлосни балона високи по 3,5 метри, фигура на Дедо Мраз, околу 100 букети со ЛЕД-осветлување, како и голем зелен новогодишен венец наменет за фотографирање.

Празничната атмосфера треба да биде дополнета со светилки на канделабрите и светлосни мразулци.

За разлика од минатата година, кога во тендерската документација биле прецизно наведени локациите за украсување, годинава тие ќе бидат дополнително утврдени со налогот за работа што ќе го добие избраната компанија.

Засега не е познато дали новогодишното осветлување ќе ја опфати и улицата „Македонија“, која минатата година не беше празнично украсена, како и поголемите градски булевари, меѓу кои „Партизански одреди“ и „Илинден“.

За новогодишното украсување во 2025 година беше ангажирана компанијата „Линк медиа плус“, со договор во вредност од 3,62 милиони денари без ДДВ, односно околу 4,27 милиони денари со данок.

Годинашната проценета вредност е нешто повисока, а конечната цена ќе биде позната по завршувањето на постапката за јавна набавка.

Избраната компанија ќе има обврска да го заврши украсувањето до 15 декември 2026 година, додека отстранувањето на декорациите е предвидено во периодот од 15 до 25 јануари 2027 година.

Ноќно студио

Најнова епизода

Герасимовски за „Барутана“, „Треска“, Платформа 12:05 и поделбите во СДСМ | Ноќно студио 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни