Македонија

Водата во Тетово со непријатен мирис и вкус – надлежните уверуваат дека е безбедна за пиење

Водата во Тетово со непријатен мирис и вкус – надлежните уверуваат дека е безбедна за пиење

Жителите на Тетово повторно се соочуваат со непријатен мирис и вкус на водата од градскиот водовод, појава која предизвикува загриженост за нејзината исправност. Надлежните институции уверуваат дека водата е безбедна за пиење и дека промените се поврзани со сезонските временски услови.

Од Јавното комунално претпријатие „Шар“, кое управува со водоводната мрежа, информираат дека досегашните лабораториски испитувања покажуваат оти анализираните примероци ги исполнуваат пропишаните критериуми за вода за пиење.

Според претпријатието, карактеристичниот мирис се појавува во есенските месеци, особено по обилни врнежи, кога лисјата и другите растителни материи од Шар Планина се разградуваат и дел од органските состојки стигнуваат до водните извори.

Од Центарот за јавно здравје во Тетово потврдуваат дека водата редовно се контролира двапати дневно, од понеделник до петок.

Специјалистот по хигиена и здравствена екологија, д-р Илија Иљоски, објаснува дека станува збор за појава која се повторува секоја есен, особено по обилните дождови.

Тој посочува дека бактериолошките анализи покажуваат исправност на водата, иако поради променетиот мирис и вкус се забележуваат мали отстапувања во физичко-хемиските параметри.

Резултатите од најновите примероци земени денеска се очекуваат во понеделник, бидејќи лабораториското испитување бара повеќе денови.

Проблемот се појавува откако пред десетина години бил пуштен во употреба водоводниот систем кој зафаќа вода од реката Пена, кај месноста Лешница на Шар Планина.

Поради тоа што станува збор за отворен систем за зафаќање вода, во октомври и ноември, особено по силни дождови, дел од паднатите лисја и другата вегетација навлегуваат во системот.

Водата потоа се прочистува во филтер-станицата кај селото Лисец, но и покрај филтрирањето, карактеристичните мирис и вкус не се отстрануваат целосно.

Надлежните нагласуваат дека непријатниот мирис сам по себе не е доказ дека водата е небезбедна и дека нејзината исправност се утврдува врз основа на лабораториските анализи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Герасимовски за „Барутана“, „Треска“, Платформа 12:05 и поделбите во СДСМ | Ноќно студио 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни