Без оглед кој ќе победи во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, не се очекува суштинска промена во односот на Софија кон Скопје. Ова е оценката на бугарскиот новинар Румен Скрински од „Актуално“, кој во разговор за „Ноќно студио“ на 4ТВ ги анализираше изборната трка и позициите на двајцата кандидати – Илијана Јотова и Андреј Ѓуров.
Во пресрет на вториот круг, најавен за 1 ноември, Скрински посочува дека ниту една од двете кандидатски двојки во кампањата не навестила отстапување од досегашната државна позиција кон Македонија.
„За време на кампањата не слушнав ниту една од главните двојки да промени некаква позиција во однос на државната позиција на Бугарија кон Република Северна Македонија. Затоа не очекувам, независно кој ќе стане претседател, да има особена промена“, изјави Скрински.
Според него, Софија ќе продолжи да инсистира на францускиот предлог и на почитувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Тој оценува дека исполнувањето на барањата што се дел од преговарачката рамка со Европската Унија ќе остане клучно за бугарскиот пристап кон македонската евроинтеграција.
Разликите меѓу кандидатите, според анализата на Скрински, поизразено се гледаат во начинот на комуникација и во публиката до која допираат.
Јотова и нејзиниот кандидат за потпретседател Кирил Влчев, како што објаснува, настапувале со поумерено присуство на социјалните мрежи и со посериозни пораки. Скрински ги оценува јавните позиции на Јотова како балансирани, а на моменти и конзервативни. Нејзиното искуство во новинарството, Европскиот парламент и потпретседателската функција, според него, придонесува за дипломатскиот начин на изразување и за чувството на сигурност кај дел од гласачите.
Од друга страна, Андреј Ѓуров и кандидатот за потпретседател Георги Кандев успеале поефикасно да допрат до младите преку социјалните мрежи. Скрински смета дека нивните видеа, пораките и интерактивниот пристап имале значајна улога во привлекувањето на генерацијата Z, вклучително и на гласачите кои првпат излегуваат на избори.
Според неговото објаснување, иако анкетите во поголем дел од кампањата ѝ давале чувствителна предност на двојката Јотова–Влчев, резултатите во првиот круг се приближиле до оние на Ѓуров–Кандев.
Ниската излезност, пак, Скрински ја поврзува со впечатокот кај дел од граѓаните дека исходот е однапред предвидлив, но и со недостигот од одговори на прашањата што најдиректно ги засегаат – растот на цените и животните трошоци.
„Претседателската кампања, според мене, не успеа да одговори на основното прашање што ги загрижува бугарските граѓани, а тоа е зголемувањето на цените“, рече тој.
Неговата проценка е дека вториот круг ќе го одреди идниот шеф на државата, но нема да донесе значаен пресврт во политиката кон Македонија. И од Јотова и од Ѓуров, според Скрински, се очекува продолжување на досегашната бугарска линија.