Очната болница „Јуропиан ај хоспитал“ во Скопје преку соопштение реагира на денешните објави на интернет-порталите, оценувајќи дека во нив се изнесени невистини поврзани со установата. Од болницата наведуваат дека се подготвени за соработка со надлежните институции.
„Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект“, се наведува во реакцијата.
Од болницата тврдат дека повеќе од една година работат без поддршка од Фондот за здравствено осигурување, но дека и во такви услови успеале да го зачуваат квалитетот на услугите и пристапноста на цените на офталмолошките интервенции.
Во обраќањето до пациентите, соработниците и јавноста, установата најавува дека ќе ги вложи сите напори за, како што наведува, вистината да излезе на виделина.
Истовремено, од болницата упатуваат повик до порталите да им овозможат на институциите да ја завршат својата работа и да ги почитуваат професионалните стандарди.
„Покажете професионализам и почит кон законите, интегритетот и достоинството на сите“, се наведува во соопштението.