Донации за ВМРО-ДПМНЕ, наместо во партијата, завршиле во џебот на избеганиот премиер Никола Груевски, тврди Јавното обвинителство. Станува збор за сума од 1,3 милиони евра, со кои како што се тврди Груевски си купувал плацеви на Водно. Утринава беше уапсен неговиот кум Ристо Новачевски. Според истрагата на Груевски, му помагале Сашо Мијалков и Орце Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен.
„Парите кои му биле доверени како претседател на една политичка партија ги присвоил за себе и дел од тие пари од физички и правни лица не ги пријавувал во извештаите затоа што нели секоја партија мора да има список на донации на физички и правни лица. Дел од овие физички и правни лица воопшто не се на списокот на донатори, а донирале средства за партијата.“, рече Русковска.
Во период од 2006 до 2012 година дел од донациите наменети за ВМРО-ДПМНЕ, Груевски ги примал лично и не ги прикажувал како донации во финансиските извештаи. Парите биле пуштени во оптек од октомври 2012 до септември 2013, купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на фирмата-ќерка бил Новачевски.
„Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот ‘новите сопственици’ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели“, велат од ОЈО.
Според наши информации, истрагата е произлезена од бомбите кои ги слушала обвинителката Лиле Стефанова уште во СЈО, а сега преку Обвинителството за организиран криминал ги нашла само материјалните докази, бидејќи прислушуваните разговори веќе не се доказ во постапките.
Груевски е недостапен за органите на прогонот, а барањата на Министерството за правда за негова екстрадиција постојано се одбиваат. За третоосомничениот, Новачевски се бара мерка притвор, за останатите четворица осомничени, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков, Орце Камчев и мајка му Ратка Камчева, судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети.
.
