Македонија

Со денови спиеле на терен и ги следеле осомничените: Тошковски за акцијата со канабисот во Струмица

Со денови спиеле на терен и ги следеле осомничените: Тошковски за акцијата со канабисот во Струмица

Полицијата открила нелегална плантажа со канабис во атарот на селото Секирник, на локалитетот „Матник“, при што биле запленети околу 680 килограми стебла канабис и приведени две лица од Ново Село.

Станува збор за лица на возраст од 34 и 30 години, за кои постои сомнение дека ја обработувале парцелата, засадиле и одгледувале канабис во скриен дел од земјиштето.

Според информациите од МВР, досегашната истрага покажала дека дел од произведениот канабис бил наменет за продажба на пазари надвор од Македонија.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски им се заблагодари на полициските службеници кои учествувале во акцијата, откривајќи дека дел од нив неколку дена престојувале и спиеле на терен со цел да ги следат осомничените и да ги фатат во моментот кога ќе пристапат кон плантажата.

„Дрогата е детектирана и обезбедена, а луѓето кои што биле директно вклучени во рамки на процесот на производство и пуштање во промет се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, изјави Тошковски.

Министерот додаде дека ваквите акции, како што посочи, покажуваат дека Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност продолжуваат да работат на откривање и процесуирање на кривични дела поврзани со производство и трговија со наркотични дроги.

Против двете лица е поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни