Македонија

Дејан Јованов останува во притвор, од Куманово ќе биде префрлен во Шутка

Дејан Јованов останува во притвор, од Куманово ќе биде префрлен во Шутка

Газдата на „Пулс“, Дејан Јованов, останува во притвор, но мерката наместо во Кумановскиот затвор ќе ја издржува во Шутка. Кривичниот суд му определил нови 30 дена притвор во рамки на нова истрага за давање поткуп поврзана со лиценцата за работа на клубот.

Дејан Јованов, сопственикот на „Пулс“, останува зад решетки и ќе биде префрлен од Кумановскиот затвор во затворот во Шутка. Одлуката доаѓа ден пред да излезе на слобода, откако Кривичниот суд му определил нови 30 дена притвор, овојпат во предмет за давање поткуп.

Новата истрага, како што е наведено во прилогот, е отворена откако обвинителството почнало постапка под сомнение дека Јованов потплатил во Министерството за економија за да добие лиценца за работа на клубот. Според образложението, „притворот е определен поради постоење на основите предвидени во Законот за кривична постапка“, односно поради опасност од бегство и „основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци“.

Во одлуката е наведено и дека „мерката притвор почнува да се извршува од 3.10.2026 година“, со оглед дека Јованов во моментот веќе издржува притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“.

Одбраната, пак, смета дека новоодредениот притвор е начин Јованов да не се брани од слобода. Според адвокатите, „истражната постапка е отворена на 29.9. оваа година, меѓутоа се однесува за факти и околности и докази кои што обвинителството ги имало на увид уште пред година и пол“. Во одбраната оценуваат дека станува збор за „конструкција сама на обвинителството, со цел да се продолжи притворот во предметот кој што е во Кочани и кој што по сила на закон престанува“.

Јованов понудил и гаранција во недвижен имот во вредност од 195 илјади евра, со цел да докаже дека нема да избега. Сепак, обвинителството се спротивставило, со образложение дека понудениот имот, „освен што е дивоградба, не може да се стави под хипотека бидејќи е предмет на извршување“. Дополнително, било посочено дека недвижностите „во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна“, кои претходно биле бесправни објекти, па евентуално тешко би можеле да се впаричат и не одговараат на проценетата вредност.

Одбраната најави жалба на одлуката. Во новата истрага се споменува и името на Џеват Камбери, службеник во Министерството за економија, кој според наводите на обвинителството примил пари за да му овозможи на Јованов незаконски да добие лиценца за работење на клубот „Пулс“. За Камбери, според прилогот, веќе се води судска постапка за коруптивни дејствија во рамки на главниот процес за „Пулс“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни