Македонија

Собранието усвои нови правила за електричните тротинети – возење само за полнолетни лица

Собранието усвои нови правила за електричните тротинети – возење само за полнолетни лица

Собранието на денешната седница усвои измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат нови ограничувања и построги санкции за користење на електричните тротинети и другите лесни електрични возила.

Со законските измени се утврдува дека максималната дозволена брзина за овие возила ќе биде 20 километри на час, во согласност со европските препораки, а дополнително е прецизирана и дефиницијата за „лесно електрично возило“.

Една од најзначајните новини е што електричен тротинет ќе можат да управуваат исклучиво лица кои имаат наполнето 18 години. Воедно, се воведуваат и построги казни за прекршителите, а во одредени случаи – како управување од малолетно лице, надминување на дозволената брзина, превезување сопатник или возење под дејство на алкохол – ќе биде можно и одземање на возилото.

Во рамките на 109. седница, пратениците ги усвоија и измените на Законот за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муницијата, по скратена постапка и со европско знаменце.

Поддршка доби и новиот Закон за јавни претпријатија и трговски друштва во државна сопственост, кој има за цел да обезбеди поефикасно, потранспарентно и поодговорно управување со јавните претпријатија. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, образложи дека новото законско решение треба да ги надмине слабостите на досегашниот систем, кој, според него, се карактеризирал со неусогласени прописи, недоволна координација и ограничена транспарентност.

Од опозициската СДСМ, пак, изразија критики, оценувајќи дека со новиот закон се концентрираат поголеми надлежности во Министерството за економија и труд, кое, според нив, ќе има централна улога во управувањето со државните претпријатија.

На денешната седница беше ратификувано и изменувањето на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), со што се создаваат услови за олеснување на електронската трговија меѓу земјите од регионот.

По исцрпувањето на дневниот ред, потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ја прекина седницата, а продолжението ќе биде закажано дополнително.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни