Германскиот експерт за сон, Ханс-Гунгер Вес вели дека последиците од екстремна жештина што го загрозува сонот и одморот ноќе, не треба да се потценуваат.
Според него, утрото по непроспиена ноќ е често придружено со верижно „колективно проѕевање“ на работа или на училиште…
- Тоа што повеќе ме загрижува е дека сѐ ова може да предизвика поголема опасност од несреќи на работа или на патиштата, или бројни грешки при извршување дневни задачи, предупредува Вес
Постојат неколку начини кои може да му помогнат на човекот да се чувствува попријатно за време на жешките ноќи, особено во отсуство на климатизација.
- Сè се сведува на соодветна вентилација. Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот и отворете ги пред да одите в кревет, вели Вес.
Друг совет, иако звучи малку чудно, е тоа пред спиење да испиете нешто топло. Имено, така е помала веројатноста да се потите, додава стручњакот. А, топол туш, на пр., ги отвора порите на кожата и носи чувство на свежина.
Тој советува да се избегнува вино пред спиење.
- Пиењето алкохол навечер може да има психолошки, опуштачки ефект, но исто така, ги шири крвните садови и го поттикнува ноќното потење, вели тој.
Таблетите за спиење се „забранети“, оти тие создаваат зависност.
- Доколку имате подни плочки во спалната соба, можете да истурите малку вода на нив, за да се олади просторијата, но тогаш треба да бидете исклучително внимателни кога ќе станувате од креветот, вели тој.
Во суштина, вели Вес, можно е уживање во потоплото време, дури и ако тоа понекогаш ви го расипе сонот.
