Спасовски: Безбедносното партнерство овозможува развој на цивилизациски стандарди

Безбедносното партнерство низ потесна заедничка соработка има примарна задача да ги зачува и да овозможи развој на општествените и пошироките цивилизациски стандарди и вредности што ги споделуваат заедниците, истакна вице-премиерот и министер во Министерството за внатрешни работи во македонската Влада Оливер Спасовски на вечерашната тематска средба „Безбедносни придобивки и предизвици за Македонија од членството во НАТО“ што се одржа во Битола.

Според министерот Спасовски, во овој момент за државата не постои нити една реална опиплива опција во поглед на обезбедување долгорочна стабилност и сигурност на државата, освен патот кон целосно евроатлантско членство.

– Македонија е респектабилен партнер на Алијансата и ние целосно ги споделуваме сите предизвици што стојат пред алијансата. Во сите наши досегашни активности во изминативе две-три години, и како Влада и како МВР, токму во безбедносната сфера презедовме низа активности, отпочнувајќи ја целосната реформа во овој сектор. Притоа, делумно бевме мотивирани од внатрешно-општествените реалности, но и заради воспоставување на стандарди што ќе бидат во корелација со оние од државите членки на НАТО и што се дел од оној битен политички концепт што НАТО алијансата го фундира како нужен критериум за рамноправно членство, посочи Спасовски.

Пред аудиториумот во Битола, министерот Спасовски потсети на ефектите од донесените Закони за ОТА и АНБ, реформите во министерството и други мерки кои како што рече беа суштински исчекор во хармонизацијата на регулативата и практичното делување во областа на безбедноста, соодветни на НАТО стандардите.

-Тој процес ќе добие уште поголем интензитет затоа што самото членување во НАТО не треба да се гледа само како своевидна безбедносна гаранција, туку и како силени далеку поширок општествен стимул за системско реформирање и генерално подигање на сите релевантни стандарди на општественото живеење и функционирање. Членството во НАТО рече Спасовски, на внатрешен план ќе ги унапреди демократските реформи, сигурност и стабилност, владеење на правото и економска привлечност за инвестициски активности, а тоа само по себе води кон економски раст и повисок животен стандард за граѓаните.

На интерактивната дебата на тема „Безбедносни придобивки и предизвици за Македонија од членството во НАТО“ холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп нагласи дека сигурноста и просперитетот одат рака под рака, и не е можна безбедност без просперитет, нити просперитет или напредок без безбедност.

-Зборуваме за проширување на нашата безбедност и за нашиот просперитет затоа што сме убедени дека безбедноста и напредокот треба да стигнат до секого во Европа и во таа смисла мислам дека сега се наоѓаме во завршна фаза од тој процес. РМ ќе стане членка на НАТО затоа што државата припаѓа на НАТО од историски, од културолошки и економски аспект. Но, слободно можам да речам дека блиско е и зачленувањето во Европската Унија со што освен безбедноста ќе се зголеми и бројот на странски инвестиции, истакна амбасадорот Јан Коп и најави дека следната година на Охридско Езеро специјална вежба ќе изведе Кралската маринска единица со што уште еднаш ќе се потврди нашето добредојде за вас во НАТО.

Престојот на НАТО карванот во Битола го организираше граѓанската асоцијација МОСТ и со поддршка на Сектор за јавна дипломатија на НАТО, Министерство за надворешни работи на Кралство Холандија, Британска амбасада во Скопје и македонското Министерство за надворешни работи.

Извор: Сител телевизија

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното