„Спејсшип 2“ на „Вирџин галактик“ нема повторно да лета – доби забрана за во Вселената

Вселенското летало „Спејсшип 2“ на „Вирџин галактик“ нема повторно да лета поради истрагата за инцидент на летот во јули, кога милијардерот и основач на компанијата, Ричард Бренсон помина неколку минути во Вселената, објави Американската воздухопловна агенција.

„Вселенското летало нема да може да лета додека ФAA не го одобри извештајот за истрагата или не потврди дека проблемите поврзани со инцидентот не влијаат врз општата безбедност“, се истакнува во соопштението.

Инаку, во тек е истрага за отстапување од патеката при летот, што беше внимателно проследен од медиумите и кој што требаше да го означи влезот на компанијата во ерата на вселенскиот туризам.

Во соопштението се наведува дека ’Спејсшип 2‘ отстапил од траекторијата одобрена од контролата на летање, на враќањето кон Спејспорт Америка.

„Њујоркер“ неодамна објави дека во кокпитот на бродот биле вклучени предупредувања за безбедност за време на летот, укажувајќи на сериозен проблем што би можел да доведе до фатален исход.