Македонија

Стевчо Јакимовски доброволно се јави на издржување на затворската казна

Стевчо Јакимовски доброволно се јави на издржување на затворската казна

Претседателот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски, доброволно се јавил на издржување на затворската казна од шест и пол месеци, информираа од партијата.

Од ГРОМ изразија несогласување со пресудата на Кривичниот суд, оценувајќи дека Јакимовски бил осуден за поставување две времени градби кои, според нив, ѝ служеле на Општина Карпош за нејзино функционирање во период од 13 години.

„Нашиот претседател не направил никому штета, туку со поставувањето на објектите општината заштедила значителни средства кои би биле потрошени за закуп на простор“, наведуваат од партијата.

Според ГРОМ, станува збор за случај во кој биле исполнети сите процедури, бидејќи одлуките биле донесени со одобрение од Советот на Општина Карпош, со усвоени програми за работа и јавни набавки, како и обезбедени средства од општинскиот буџет.

Од партијата упатија критики кон правосудниот систем, обвинувајќи дека случајот претставува пример за, како што велат, селективна правда и политички притисоци.

Во соопштението ГРОМ посочува и дека не била земена предвид здравствената состојба на Јакимовски, наведувајќи дека тој е онколошки пациент и дека неодамна имал оперативен зафат.

Од партијата им се заблагодарија на граѓаните кои, како што велат, во изминатиот период му дале поддршка на нивниот претседател.

Стевчо Јакимовски беше осуден на шест и пол месеци затворска казна во предмет поврзан со поставување времени објекти во Општина Карпош.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни