Стојаноски: 18.000 нови работни места во последните шест квартали, економијата се движи во позитивна насока

Во последните шест квартали во земјата се отворени околу 18.000 нови работни места, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, истакна денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција.

Тој посочи дека бројот на вработени пораснал од околу 691 илјади на над 709 илјади граѓани во работен однос, оценувајќи дека тоа претставува јасен сигнал за позитивни движења во економијата. Според Стојаноски, економските политики што се спроведуваат придонесуваат за реален раст на вработеноста и подобрување на животниот стандард.

Тој нагласи дека трендот на отворање нови работни места е поврзан со инвестициите во индустријата, инфраструктурата и технолошко-индустриските развојни зони, како и со мерките за поддршка на стопанството, вклучително и поволните кредитни линии и плановите за економски раст.

Стојаноски информираше дека во технолошко-индустриските развојни зони во моментов има 17 договорени инвестиции, кои во наредниот период би можеле да отворат околу 5.000 нови работни места.

Паралелно со зголемувањето на вработеноста, според последните статистички податоци, стапката на невработеност е намалена на 11,4 проценти.

„Имаме повеќе вработени, нови инвестиции и намалување на невработеноста. Целта останува јасна – економски раст, стабилност и нови можности за граѓаните“, порача Стојаноски, додавајќи дека ќе продолжат мерките за поддршка на стопанството и поттикнување на нови инвестиции.