Домаќинствата кои планираат приклучување на природен гас или набавка на котел на гас можат да добијат финансиска поддршка до 30.000 денари, согласно јавниот повик што го спроведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Мерката има за цел да им помогне на граѓаните да ги намалат трошоците за инвестиција, но и да поттикне користење поефикасни и почисти системи за греење.
Субвенциите покриваат до 70 проценти од направените трошоци, а право на финансиска поддршка имаат домаќинствата кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние кои ќе набават котел на природен гас за објект што бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари 2026 година.
Рокот за поднесување на барањата е до 31 октомври 2026 година. Од Министерството информираат дека средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно до нивното целосно искористување.
За оваа мерка се обезбедени вкупно 3 милиони денари, а за едно домаќинство може да се поднесе само едно барање.
По истекот на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа пристигнатите апликации, а финансиската поддршка ќе им биде исплатена на корисниците кои ќе ги исполнат пропишаните услови.
Од Министерството апелираат заинтересираните граѓани навремено да ја поднесат потребната документација и да ја искористат можноста за државна поддршка.
Како што наведуваат од институцијата, преку овие мерки се продолжува со поттикнување на енергетската ефикасност, намалување на трошоците за енергија и создавање услови за поширока употреба на поодржливи решенија за греење.