Македонија

Судска администрација на протест, сакаат европски плати, како функционерите!

Судска администрација на протест, сакаат европски плати, како функционерите!

Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) и Независен синдикат на судска служба, кој функционира во негов состав, со протест пред Основниот кривичен суд во Скопје денеска изрази незадоволство поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.

Горан Ристевски, претседател на НСДА, изјави дека и по неколку средби со претседателот на Судскиот совет немало слух за нивното укажување за брзо и навремено да се регулира исплата на додатоци согласно Правилникот за додатоци на плата.

-Затоа го организиравме протестот и ќе следува и понатаму доколку не се уважат нашите барања – адекватно зголемување на платата спрема трошоците на живот. Имаше покачување на платите за 30 отсто за дел од Министерството за финансии. Незадоволството е големо, не само во судскиот систем, туку и пошироко, изјави Ристевски.

Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска служба, изјави дека бараат покачување на платите за судската служба од 30 отсто, исто како за вработените во Министерството за финансии, и да продолжи исплата на додаток на плата од минимум 25 проценти која, рече, е прекината кога на функционерите им се зголемени платите за 78 проценти.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни