На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се презентираа нови детали за инспекцискиот надзор врз објектот пред трагедијата. Инспекторка за животна средина од Општина Кочани изјави дека во 2022 година утврдила дека објектот работи под друго правно лице, но не спровела дополнителен надзор.
Таа објасни дека во рамки на годишниот план за инспекциски надзор контролирала кафе-барот „Класик“, при што било утврдено дека правниот субјект „Класик ДМ“ ДОО веќе не функционира. И покрај сознанието дека објектите работеле под нов назив, повторна контрола не била извршена, бидејќи според неа, субјектите немале значително влијание врз животната средина.
„Инспекциските надзори се вршат според годишни планови, врз основа на проценка на дејноста и влијанието врз животната средина. Одобрувањето од градоначалникот е административна процедура. За вонредни контроли е потребен налог од градоначалник или секретар“, сведочеше инспекторката. Таа додаде дека досега не добила налози за контрола на кабаре-клубови, бидејќи ваквите објекти најчесто поднесуваат елаборати само поради бучава.
На рочиштето сведочеа и преживеани од трагедијата, кои изјавија дека пожарот се проширил за околу 30 секунди, предизвикувајќи паника и стампедо кон единствениот излез. Според нивните искази, пожарот настанал по активирање пиротехнички средства.
Пожарот во дискотеката „Пулс“, кој се случи на 16 март 2025 година, однесе 63 животи, а над 200 лица беа повредени. Судењето е во фаза на доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевски, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
